Роден во Ресен – Република Македонија, од православни родители на ден 03.10.1971 година , со световно име Сотир Илиевски. Основно и средно образование завршува во Ресен. Во 1994/95 година се запишува на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. По за-вршувањето на трета година од студиите во Мај 1997 година заминува во манастирот посветен на „Свети Леонитиј“ во Водоча, каде истата година е замонашен и го добива името ПИМЕН. Во таа година ракоположен е и во јероѓаконски чин а потоа и во јеромонашки од надлежниот Митрополит на Струмичката епархија г. Наум.
Во почетокот на 1998 година е поставен за старешина на манастирот на „Свети Петнаесет Свештеномаченици“ во Струмица, а од втората половина на истата година е поставен за старешина на манастирот „Свети Леонитиј“ во Водоча. Во Јануари 1999 година е произведен во игуменски чин и од Септември истата година ја врши должноста Архиерејски намесник на Струмичката епархија. Од 2003 година е на должноста секретар на Струмичката епархија.